Металург да ги плати долговите

Ракомет: Жито Прилеп в сабота (19 ч.) во Регионална лига

Се очекува полна сала да ги поддржи домашните

После две одложувања, в сабота (19 ч.) стартува женската ракометна Регионална лига и за нашиот Жито Прилеп. Во арената “Сонце”, ривал е шампионот Металург. Мотивот кај домашните е да се вратат пролетните долгови во првенството и купот, каде скопјанките беа трипати подобри. Гостува стар познаник. Металург, по отпаѓањето во Лигата на шампионите, вниманието го свртува кон Купот на куповите и Регионалната лига. Ќе биде квалитетен и интересен меч – вели Ристо Магдинчев, тренерот на Жито Прилеп. Металург е фаворит, но не толку голем и безбеден. Бодовите не се гарантирани, според ланските резултати. Двата тима се со изменети состави. Претстои дерби за три бода и бодрење на домашниот тим во полна сала. Силите ги знаеме и можно е да ги изненадиме, ако одиграме цврсто во одбраната и ефикасно во нападот – порачува Магдинчев. На располагање се 16 првотимки на Жито Прилеп: Јаломитеану, Наумоска, Дурланова, Павичевиќ, Т. Стојановиќ, Мркиќ, Петковска, Цветановска, Штериова, Аџулеска, Кликовац, А. Стојановиќ, Когој, Илиеска, Серафимовска, Матановиќ. Металург ќе биде чест ривал сезонава, во Регионална, домашен куп и првенство, можеби и во КПК. Утре ќе ја искористиме првата можност – заврши Ристо Магдинчев.

Гостинките со најдобрите

Металург има на располагање комплетен тим. Тренерот Крсто Петрушевски смета на неколку кои не можеа во ЛШ. На голот е репрезентативката Андрејева со новата Савко, па Антиќ, Крпеж, Трифуновиќ, Миљачиќ, Мечевска, Гроздановска, Д. Георгиевска, Е. Георгиевска, Новеска, Младеновска, Лишчевиќ, Величковска, Митрова и голгетерката Бајрамоска.

Одиме во Чешка

Чешкиот тим Бритерм Весели е противник на Жито Прилеп во 2. коло на европскиот КПК. Првиот меч е на гости на 1 октомври, а реваншот шест дена подоцна дома. Следени беа ривалките на двата меча во Скопје, поразени од норвешки Бјасен 27-22 и од шпанска Елда со 21-20. Квалитетна екипа, водена од 45-годишна голманка. Останатите се подредени на колективна игра. Борбени се, издржаа силно темпо. Ќе парираме со добра подготовка – вели Магдинчев.

Loading