Турскиот Сен Тропе – Бодрум

Боемско сретнувалиште на многу уметници, писатели, естрадни ѕвезди и милионери од Турција и од целиот свет. Тоа е турскиот град Бодрум на брегот на Егејското Море. Најубавите јахти имаат редовна парада, а градската плажа не е валкана. Напротив, претставува една од најчистите плажи на светот. Кога ќе падне мрак, лежалките се заменуваат со удобни столици, се пие вино покрај Егејот.

 

На почетокот да ги цитираме зборовите на една стара турска песна со име “Бодрум, Бодрум”

Како да објаснам, од каде да тргнам.

Чувства, малку чувства, тоа е се што сакам.

Малку море, малку сон, тоа е се што сакам.

Колку нé имаше тогаш, а погледни колку останавме сега.

Тогаш се заљубив, а сега не можам да се сетам на нејзиното име.

Не така одамна во подножјето на Карските Планини, од едно мало рибарско место, настанало еден од најубавите туристички центри на турскиот брег – Бодрум. Маузоловиот храм долго чекал со околните вредности да ја истакне својата значајна позиција низ призмата и огледалото на туристите, кои се желни за вистински одмор и забава, се разбира и нови сознанија. Денес редовните анкети меѓу странските туристи, даваат нови толкувања. Кога ќе им се спомене Халикарнас, тие мислат за познатата дискотека, најголема во Европа. Халикарнас не е диско, мавзолеј, не е надгробен споменик, Ефес не е пиво, Артемидиниот храм не е харем, а Херодот е татко на историјата, се родил овде, во подрум во Бодрум.

Антички чуда

Му благодариме на Херодот и на нашите водичи кои нé учат да ги запознаеме и доживееме чудата на античкиот свет, од кои од седумте величенствени, на овој простор се наоѓаат “само” две! Не се пишува за години и за точни датуми, едноставно треба да се види, кога и да е. Се чувствува близината на долината Меандра, древните градови, Афродизијас, Дидима и Милет, места низ кои тече бескрајната приказна за Ефес и Артемидиниот храм. Карските династии оставиле длабока трага, Артемисија 1 била една од најголемите личности како жена војсководач. Артемисија 2 била жена (вдовица) и сестра на познатиот Мавзол, која ја завршила градбата на неговиот грандиозен споменик, сместен во срцето на градот. Старите цистерни за вода го враќаат средновековниот дух. Од капијата на Миндос се простира поглед на театарот кога цветала античката култура, Халикарнис, со 13 илјади седишта. Денес се одржуваат културни манифестации. Концерт одржал и Бреговиќ. Сé е бело, сé што е јавно, е обоено во бела боја. Архитектурата потсетува на грчките острови од кикладскиот архипелаг. Таква е и атмосферата, Бодрум е турскиот Сен Тропе. Боемско сретнувалиште на многу уметници, писатели естрадни ѕвезди и милионери од Турција и од целиот свет. Најубавите јахти ја имаат редовната парада, а градската плажа не е валкана, напротив тоа е една од најчистите плажи на светот. Кога ќе падни мрак, лежалките се заменуваат со удобни столици, се пие вино покрај Егејското Море. Надвор од градот на околу 15 до 20 километри се наоѓа најубавата природа, заливи, плажи и места што ги составува единствен назив – Бодрум.

Морето заплискува столици

Јаримадаси – полуостров. Се редат Гундоан, Јаликавак, Гјумушлук (античкиот Миндос), Туркјубк, Тургутреис, Акјарлар. Поблиску до градот се Торба, Коначик, Ортакент и Битез, додека Гјумбет е мало предградие, кое од Бодрум го разделува рид. Возејќи се низ улицата Александар Велики, а може и пешки, се затвора круг околу овие две преубави места кои се спојуваат во една целина. На југоисточната страна на полуостровот вистинска атракција претставува заливот Гекова. Тесните и диви заливи, боровата шума и старите блиски села, се мека за крстарење и обиколка со гулет – туристичко бродче, направено по примерот на оригиналните рибарски бродчиња. Првиот впечаток е таков што имате чувство дека Бодрум е држава во држава. По законите, безбедноста, изгледот, однесувањето на домашното население, туристите, цените, се разликува од сите места по должината на турскиот брег. Дури не се гледаат родени бодрумќани, оти тие уживаат во белите вили на зелениот полуостров. Сé што е убаво им препуштиле на некои свои сонародници, бидејќи тие не мора работат, оти заработиле однапред. Шетањето по тесните улички, кои се составуваат со бодрумската марина и просторот околу тврдината Свети Петар, се дополнува и закрепнува со локалната стара гостилница на брегот со традиционалниот црн чај само за една турска лира. Се чувствувате како локален жител. Може да се одигра и партија тавлија, а наргилето не е задолжително. Поминувајќи по пешачката зона, секогаш може да се сврти во тенките сокачиња кои водат до мали плажи на кои подготвено чекаат столици што ги заплискува морето. Љубезниот персонал стои на штрек, подготвен да ви излезе во пресрет во секој момент, додека туристите уживаат во погледот на црниот остров – Караду. Тука се наоѓаат и најубавите рибни ресторани со специјалитети од морски плодови. Карактеристично за Турција е тоа што тука се подготвуваат најубавите специјалитети од тесто: лаваш, пиди и лахмаџан – своевидна турска пица, потоа разни донери, кебапи од Адана, или пак оние од Амфора. Лутите пиперчиња се бесплатен зачин, а костенливото овошје е на сите страни. Не изостанува ниту шопингот, од сувенири до кожни сандалки што се изработуваат од дамнина и се вистинска уметност. Еднаш неделно се актуелни пазарите. И на зелените пазари има туристи од цел свет, а доминираат Англичаните, додека Русите ги има главно во хотелите. Заливот Туркјубк е резервиран за најбогатите Турци, кои пристигнуваат од сите страни со своите лимузини на вода. Ноќниот живот е нешто посебно, од големи дискотеки до мали урбани повлечени локали. Катамаран (брод) клуб испловува точно во 12 часот. Таму негде низ морската шир, далеку од сите се ужива во животот. Сите амфори од Средоземјето застанале во крсташката тврдина Свети Петар, денес најголемиот музеј на подводна археологија во светот. Повеќе од еден век, тврдината била истурен дел на христијанска Европа на границата на растечкото Османлиско царство. Витешките редови на свети Јован врежале неизбришлив печат. Во музејот се наоѓаат остатоци од пронајдениот брод кој и припаѓал на египетската кралица Нефертити. При изградбата на овие импозантни тврдини користени се блокови, статуи и рељефи од мавзолејот кој настрадал во земјотрес. Толку блиску е и грчкиот остров Кос, местото каде што е роден таткото на медицината Хипократ. Користејќи ја позицијата, Бодрум заедно со Ефес се најубавиот излет. Овојпат се оди со брод. Централната агора сведочи за бурната историја и врските со соседните градови. Тука се и старите џамии, цркви и неодминливите тврдини, градени со ред од витезите “Јовановци” од Родос. Се остава впечаток дека Бодрум е место на кучињата, а Кос островот е место за мачки. Толку се блиски а толку далечни. Има факти што ги спојуваат, а уште повеќе од тоа има нешта што ги раздвојуваат. Температурата пред крајот на септември не паѓа пониско од 30 степени. Мирисот на летото го надополнуваат вилите на секој чекор. Му благодариме на Ататурк, благодарам и на Шаќир, познатиот “рибар од Халикарнис”, новелист, етнограф и патописец. “Чувства, малку чувства” да се нурнеш во синилото на Медитеранот, да извадиш уште една амфора. “Малку море, малку сон, тоа е сé што сакам”, на дофат на раката, светското чудо… Бодрум, Бодрум.

Loading