Пензионер плива илјада метри дневно девет години

Иван Пипиџаноски – професор во пензија на 70 години секој ден е на градскиот базен

Натпливува млади кога се обложуваат на него

Најмалку илјада метри дневно плива низ сините води на градскиот базен 70 годишниот професор по македонски јазик во пензија Иван Пипиџаноски. Во препознатлива облека за капење и со гумена капа, тој секој ден пред зајдисонце ја исполнува дневната “доза”, го препливува базенот со олимписки димензии 20 пати без одмор. Вели дека девет години доаѓа исклучиво пред стемнување или наутро, оти водата тогаш е најтопла. Дел од посетителите се обложуваат на него во натпревар со млади. Обложувачите за Пипиџаноски секогаш добиваат, оти ретко кој може да се носи со старата “прилепска риба”, која пливањето го сакала од детството, а сега му претставува задоволство и го разведрува. Сега не е кефлија да се фрла во базенот, како кога бил млад. На почетокот на сезоната, во средината на јуни, купува сезонски билет и секое попладне водата му станува “животна средина”. Иако нема друштво од “врста”, од генерацијата, не му пречи што се среќава со млади. На генерациите ученици и сега на младите им препорачува да пливаат, оти овој спорт или овој стил на движење дејствува најсестрано на организмот.

Ист тренер со Маленко

Во водата е од десетгодишна возраст, откако се отвори базенот во 1953 година. Се заљубил во пливањето и останал “верен” веќе 60 години. Не плива на пладне, оти контрастите на телото не се пожелни. Пред шест децении, наставникот по физичко избра неколкудуши да бидеме пливачи на новоизградениот базен. Тренер беше Радиќ – охридскиот тренер на Александар Маленко и организаторот на маратоните. Нé тренираше пливачите, а се организираа натпревари во пливање со Охридски бранови, Младост од Струга и Студент од Скопје. Ватерполисти беа повозрасни млади. Така се зацапав во водата, во пливањето и останав заљубен до ден-денес. Ќе пливам додека ме држи снагата, додека ми мрдаат рацете и нозете, иако не се сончам, оти тоа може да се чини и дома на тераса или во градина – вели Пипиџаноски. Крастата се засилила во Дубровник, каде бил војник. Во младите години, покрај пливањето низ базенот, со преспанскиот пливач Билбилоски, познат по пливањето во стилот “пеперутка”, пливавме од Крани до Отешево, после од Претор до островот Голем град и назад. Тоа беа подолги рути. Уживавме во водата, оти пливањето е здравје. Стручнаци пресметеле дека еден километар просечно пливање е рамно на четири километри просечно трчање. Ако испливам 20 пати низ базенот по 50 метри од едната до другата страна во должина, како да сум истрчал до селото Лениште. Се чувствувам пријатно и ќе пливам додека ме држи тоа чувство. Некогаш се случува пливачката сезона да трае од 15 јуни до десетти септември – вели Пипиџаноски.

Ревијално за “публика”

Не му се рамни помладите. Не им се дава. Малку запнува кога се обложуваат на него, за да ја оправда довербата и да биде побрз една-две раце пред помладите “ривали”. И во третата доба, некогаш плива обиколка, две во базенот за “публика” со некои стекнати пливачки пријатели. Меракот за пливање го носат сите членови на семејството Пипиџаноски. Пливаат и внуците, а на една од внуките, осмоодделенката Бисера, í лежи совладувањето на водите. Пипиџаноски оценува дека се солидни условите на базенот. Кога се менува водата, малку било постудено, но се загревала брзо. Смета дека водата е чиста, што е резултат на одржувањето. Посакува пливање и зиме за одржување на кондицијата акумулирана лете. Им порачува на властите да се заземат за изградба на затворен базен со олимписки димензии 50х25 метри. иако тој зимно време, без здравствени проблеми, оди на пливање неколку дена во помалиот затворен базен во хотелот Цар Самоил во Банско.

Прилеп имаше добри пливачи

Меѓу брзите пливачи што ги памети биле наставникот по физичко воспитување во пензија од ОУ “Кочо Рацин”, Видан, и еден варошкомалец, со прекар или презиме Чешларот. Добар пливач бил и Трајко Калабуза.

Loading