НЕОБИЧНА ТЕНДЕНЦИЈА

Во врска со имињата и презимињата, кај определен број луѓе, преовладува некакво мислење, дека тука никој не може да се меша. Дека тие имаат право да се викаат или да се презиваат како што сакаат. Точно е тоа, но само до некаде. Има и тука некои правила кои треба да се почитуваат.

Ќе се обидеме да дадеме мислење за презимињата. Кај нас презимињата се придавки. Трајкоски (вски), Трајкоска (вска), Трајков, Трајкова и така натаму. Како што се гледа, придавките се менливи зборови, имаат и род. Машки и женски. Презимињата, главно во најголем број се придавки. Ги исклучуваме презимињата од типот на – Милчин, Корубин, Тозија, Групче и слично.

Го зедовме за пример презимето Трајкоски (ска) како едно од почестите во нашава земја. Нашите кодификатори на јазикот, оставија слобода дали презимето ќе завршува на СКИ или на ВСКИ (ска или вска). Тука изборот е слободен, макар што ова не се покажа многу практично. Настануваат со тоа определени проблеми. Но, засега, ситуацијата е таква.

Во последно време, како да се јавува некоја тенденција, некој стремеж, и жените да го носат презимето со истата форма како и мажот. Значи, ако мажот се презива Трајкоски така требало и жената. Ако мажот бил Трајков и жената требало да биде Трајков. Така било во српскиот јазик. Таму и машкото и женското презиме завршувале исто, на ИЌ. Точно е тоа. Таму е така и тоа таму си е во ред. Но, во нашиот јазик, во бугарскиот исто така и во рускиот, не е така. На пример, во рускиот јазик имаме Антон Павловиќ – ЧЕХОВ, но жена му е Олга Книпер – ЧЕХОВА, а не ЧЕХОВ. Првата жена космонаут е Валентина ТЕРЕШКОВА, а не ТЕРЕШКОВ. Значи, секој јазик има свои специфики и правила. Така и македонскиот.

Според законот, жената има право да го земе презимето од мажот. Тоа е во ред. Но, нејзиното презиме ќе биде во женска форма. Ако е мажот Стојан ТРАЈКОСКИ (вски), жената, да речеме дека се вика Цвета, ќе биде Цвета ТРАЈКОСКА (вска,) а не ТРАЈКОСКИ (вски). Ако е мажот ТРАЈКОВ, жената ќе биде Трајкова. Токму тука се јавува таа тенденција ( ! ) за поистоветување на презимињата – Цвета Трајкоски или Цвета Трајков. Не оди тоа во нашиот јазик. Ете, под божемно правилно размислување, некогаш од некакво немотивирано помодарство, евидентни се вакви појави.

Ќе дадеме уште едно објаснување, уште еден пример, за погрешниот пат на оваа тенденција, би рекле, стихијна појава.

Рековме, жената има право да го земе презимето од мажот. Но, такво право има и мажот. И мажот, ако сака, може да го земе презимето од својата жена. Ќе се послужиме пак, со случајно избраните имиња и презимиња – Стојан Трајкоски (вски) или Трајков и Цвета која, да речеме, имала моминско презиме Секулоска (вска) или Секулова. Сега, да претпоставиме дека Стојан сака да го земе за свое презиме, презимето од Цвета. Тој ќе треба да се вика Стојан Секулоски (вски) или Стојан Секулов. А што би било, ако се тргне по онаа тенденција, по она размислување дека презимињата треба да бидат идентични?! Тогаш би добиле Стојан СЕКУЛОСКА (вска) или Стојан СЕКУЛОВА. Што не оди, не оди. Баш никако.

Презимињата во македонскиот јазик се придавки, а придавките треба да си го носат родот од сопственикот. Ако е маж – ТРАЈКОСКИ (вски) или СЕКУЛОСКИ (вски), а жената ТРАЈКОСКА (вска) или СЕКУЛОСКА (вска) или пак ТРАЈКОВ и ТРАЈКОВА и СЕКУЛОВ и СЕКУЛОВА.

Без разлика кој од кого го позајмил презимето, тоа треба да го покажува родот на носителот – машки или женски.

Благоја Ивчески

Loading