СЕ ПОДГОТВУВА ЛЕТЕН ОТКУП НА ТУТУН ВО ПРИЛЕПСКО

Трите откупни фирми, Сокотаб од Битола, Струмица табак од Струмица и Алијанса уан од Кавадраци се токмат да откупат околу 1200 тони тутун од типот “Прилеп” во Општинава во почетокот на септември. Ова го соопшти Данчо Милески, претседателот на Здружението на тутунарите. Дел од откупните претпријатија потврдија дека побарале од тутунарите предвремен откуп во согласност со Законот. Од Министерството за земјоделство очекуваат верификација на мострите за проценка. Процедурата ќе се заврши идната недела со што ќе се создадат законски услови за отворање на откупната кампања. Според Милески, дел од тутунарите веќе добиле картонски кутии за складирање на првите берби тутун и инструкции како родот да го подготвуваат, а да не се оштети. Тој не е оптимист дека септемврискиот откуп ќе биде успешен, оти памети неуспешен сличен обид на Тутунскиот комбинат од 1982 година. Од петти септември, можеби и порано реално е да се очекува старт на предвремениот откуп на тутун. Не верувам дека откупот ќе се реализира во септември во количества од околу 1200 тони, колку што проектираат откупувачите Сокотаб, Струмица табак и Алијанса уан. Сомнежите за промашувањето на предвремениот откуп се должат на тешкотиите во подготовката на родот при високите температури. Тутунот е сув како барут и при складирање, и со навлажнување во кутии, ќе се изрони и ќе се направи како сол. Второ, цените што се нудат за првите берби или класите по новиот правилник, воошто не се прифатливи. Не верувам дека некој тутунар од Прилеп ќе предаде тутунски листови со дожлина од околу 12 сантиметри за 60 денари или покуси за 110 денари од килограм – објаснува Милески. Тој очекува откупувачите да ги заверат мострите, но скептичен е дека тутунарите ќе се одѕват на поканата да продадат дел до тутунот околу 15 септември. Тутунски ескперт вели дека мотивите на откупувачите биле да се излачат неквалитетните класи, а за откупот в зима да останат само квалитетните берби. Според него, не се исклучува можноста откупувачите да проценуваат дека годинава ќе недостасува тутун, поради драстично намалените посадени површини, дури за 30 отсто. Во страв од поскапување в зима, кога би се барал килограм тутун повеќе, се прават напори да се прибере повеќе летово. Во откупната сезона во 2009 година, тутунот се откупуваше без да се проценува, туку само се мереше и се плаќаше по 200 денари за килограм. Годинава во прилепско се очекуваат приноси од околу 11 илјади тони тутун, а лани откупувачите презедоа дури 15 илјади тони по цени во просек од околу 140 денари за килограм.

Loading