Горд сум што ја претставував Македонија

Проф.Зоран Стојкоски, офицер од резервниот состав на АРМ, на обука во НАТО

Во Молдавија, во центарот за обука “Дачија” во близи на Кишињев во јули Стојкоски учествуваше на јазичната академија во организација на Меѓусојузничката конфедерација на резервните офицери (ЦИОР)

Сертификати за познавањето на англискиот јазик врачени од претседателот на ЦИОР Џон Ерлинг Тенвик од Норвешка

На секој поединец, или група, што ја претставува Македонија на било каква меѓународна средба, им претставува чест и задоволство. Таквата можност годинава, во јули ја имаа двајца македонски офицери од резервниот состав на АРМ, капетан Зоран Стојкоски од Прилеп и потпоручник Гоце Георгиев од Виница. Стојкоски вели дека гордост е, во една странска земја, да се застане под знамето на татковината, да се слуша и запее македонската химна. Раскажува дека основната цел на Академијата со изучувањето на англискиот и францускиот јазик, била да се постигне на повисоко ниво комуникацијата во ЦИОР-НАТО. На овој начин се овозможува развивање на разбирањето и говорните вештини, способностите за интерактивна комуникација, вклучувањето во групни дискусии, со посебен акцент на воениот контекст и терминологија, правилно пишување. Пред две години бев во Бугарија кадешто немавме можност да полагаме тест и да добиеме Сертификат. Годинава првпат се стекнав со меѓународно признание за познавање на англиски јазик – раскажува Стојкоски. Појаснува дека на јулската јазична академија учествувале 42 резервни офицери од девет земји, од Шпанија, Романија, Ерменија, Алжир, Јужна Африка, Србија, Македонија, Русија и домаќинот Молдавија. Бројот на земјите учеснички, а со тоа и бројот на резервните офицери беше нешто помал од претходните средби во Бугарија и Чешка. Работевме во групи и тоа според познавањето на англискиот односно, францускиот јазик на три нивоа: почетно, средно и напредно. Распределбата беше според тестот за познавање на јазикот. Од особено важно значење за нас слушателите е тоа што предавањата ги држеа искусни професори, офицери од САД, Канада, Велика Британија, Франција и Швајцарија – вели Стојкоски.

Домаќинот секогаш со нас!

Убав пример за самодоверба и почит, според него, бил претседателот на Организација на резервните офицери од Молдавија полковникот Тудор Самоиленко, кој од отворањето до завршувањето на обуката бил меѓу нив со цел да одговори на сите прашање. Бил организатор на неколку вечерни средби со музика, а исто така учесниците имале можност да разгледаат повеќе историски и културни знаменитости во и околу Кишињев. Благодарение на нашето присуство во центарот за обука “Дачија” на јарболот се вееше и македонското знаме, што е потврда дека некој те признава, и дека постоиме. Исполнувањето на програмата, плановите и задачите се предвидени со програмата од НАТО, во која Македонија очекува да биде постојан член. Нашите имиња се евидентирани во списоците на НАТО и ЦИОР. Освен стекнатите нови знаења од англискиот јазик, не смее да се заборави и двонеделното дружење со пријателите – потенцира Стојкоски.

Во улога на новинар!

Како резервен офицер и еден од уредниците во “Офицер”-гласило на Организацијата на резервните офицери на Македонија капетанот Стојкоски го слушнал мислењето на претседателот ЦИОР Џон Ерлинг Тенвик за можностите за брз прием на Македонија во НАТО и Европската унија. Тенвик нагласи дека Македонија подолг период во целост ги исполнува обврските, според програмата и стандардите од НАТО, дали тоа станува збор со офицери од резервниот состав или професионални војници и офицери од активниот состав на АРМ. Мировниците на АРМ се присутни во Авганистан, Ирак итн. и добиваат највисоки оценки за исполнување на задачите. Што значи, Вашата земја е членка, се чека на официјалниот датум. Вака ми рече Тенвик, со кого се разделивме со препорака идната година да имаме повторно средба во Полска – вели Стојкоски.

По повод 10 годишнината на Карпалак

ПРИЗНАНИЕ И ОД ОРГАНИЗАЦИЈАТА НА РЕЗЕРВНИ ОФИЦЕРИ НА РМ

Капетанот во резерва Зоран Стојкоски е добитник на признание од Организацијата на резервни офицери на РМ. Признанието е за ангажирањето и придонесот во одбраната и заштитата на територијалниот интегритет и суверенитет на Република Македонија во изминатите години, со посебен акцент на 2001 година, година која во Прилеп никогаш нема да се заборави. Ниту јас лично, ниту фамилијата. Како резервен офицер активно учествував 40 дена во воените дејствија. Со единицата заминавме на седми август, а на осми ја слушнав лошата вест за загинувањето на нашите соборци, на позиција во с.Брвеница. Најблиските – мајка ми, сопругата, децата не знам како ги минувале тие денови. По кобната вест, по 40 дена, мајка ми ме дочека, на истото место од каде ме испрати. Имам скршено срце, оти дел од загинатите беа мои другари, соработници, им бев класен раководител на нивните ќерки – додава Стојкоски.

Loading