Ракомет: Ждрепка за европскиот куп
Мечевите се на 3/4 и 10/11 септември
Ждрепката му донесе прилично лесен ривал на Жито Прилеп во првото коло од женскиот ракометен европски Куп на куповите, а тоа е литванска Гарлиава. Станува збор за аматерски клуб и не би требало да има проблем за тимот на Ристо Магдинчев на патот кон второто коло. Првиот меч е на гости на 3/4, реваншот на 10/11 септември. Има изгледи двата дуела да бидат во арена “Сонце”. Без оглед на фаворитската улога, јасно е дека не е дозволено никакво опуштање. Засилениот состав мора да го потврди на дело квалитетот. Вербата е во 15-16 ракометарки, досегашните Дијана Наумоска, Сандра Дурланова, Ивана Петковска, Марија Петлеска, Софија Аџулеска, Марија Когој, Кристина Илиеска и Марија Серафимовска, со новите Михаела Јаломитеану (Крајова, Романија), Даниела Матановиќ, Андреа Кликовац, Тамара Стојановиќ, Ана Стојановиќ (РК Бисери Плевља, Црна Гора), домашните Марија Штериова, Савица Мркиќ (Ѓ. Петров), Јованка Цветановска (Косово). Навивачите веќе се нетрпеливи да ги видат новите. Првата шанса ја имаат денеска на првиот собир (11 ч.). Стартуваат подготовките за четири фронта и претстојат навистина тешки, исцрпувачки тренинзи. Престојот е прво во Маврово, после во Врњачка бања. Планирани се меѓународни тестови со тимови од Србија, Грција и Романија.