ВОЗАЧКАТА НЕ Е ЛУКСУЗ

Автошкола Безбедност

Волан в раце со избор на инструктор

Лесно се седнува пред волан и се станува возач, ако се посетува автошколата Безбедност со над 15 години традиција на обучување на возачи од А, Б, Ц, Д и Е категорија. Сопственикот Петре Тошески е искусен инструктор, кој научил стотици возачи да управуваат различни возила. Според него, не се лоши градските услови за практичната обука. Според нив, поволни се улиците и инфраструктурата и добра е хоризонталната и вертикалната сигнализација на сообраќајот. Сметаат дека новиот кружен тек го растовари сообраќајот и има силен безбедносен аспект. Затоа препорачува решавање на сообраќајот со кружен тек на крстосниците кај уредот и пожарната. Тошески вели дека бил возач на автобус во ТИ Билјана. Кога намирисал дека фирмата пропаѓа, ја напуштил, и го “активирал” знаењето за инструктор стекнато од 1980 година. Првин бев во автошколата Цвејо во 1992 година, а потоа отидов во Кенам. Во 1994 година самостојно ја отворив автошколата Безбедност со двајца инструктори и две возила. Од година во година со макотрпна работа стасавме до 12 возила и десет вработени, со канцеларии, полигон и сопствен кабинет кај селото Ново Лагово. Сега сме девет инструктори, меѓу кои има и жени. Кандидатите можат да изберат со кого сакаат да се обучуваат. Располагаме со седум автомобили, со автобус, за обука за Д категорија. Имаме и две приколки за камиони и моторцикл за А категорија – објаснува Тошески. Покрај практичната обука, вршат и теоретски предавања во кабинетот, опремен со аудио-видео нагледни средства. Постои интерес, оти сите млади сакаат да умеат да управуваат автомобили. Стекнувањето со знаење за возење, веќе не е луксуз, оти и за вработување се бара возачка дозвола. И животот не е едноставен без возачка. По завршувањето на обуката, ги тестираме кандидатите, и практично и теоретски. Затоа е висок просекот на положените, особено на теоретскиот дел. Над 95 отсто го минуваат испитот на прво, а во практичниот дел, идните возачи имаат трема на “градска” – вели Тошески. Не се жали на конкуренцијата, оти располагаат со квалитетни инструктори, кои вешто пренесуваат знаења, макар што има отстапки кај другите.

Цени на обука

За обука за моторцикл, А категорија – 16 часа практична обука е шест илјади денари. Б категорија, 36 часа практичен дел, 13 000 денари. За Ц категорија, 20 часа практично, 12 илјади денари. За Д категорија е 10 илајди денари и Ц и Е Категорија, 10 часови чини осум илјади денари. Во овие цени влегуваат и по 20 часа теоретски дел. На послабо ситуираните им се овозможува обуката да ја платат на повеќе рати.

Loading