ДЕЛЕГАТОТ ДОЗВОЛИ ДВЕ ИЛЈАДИ, ВЛЕГОА 12 ИЛЈАДИ НАВИВАЧИ

Историја

Сите добро го паметат гостувањето на италијанската Перуџа кај Победа, летото 1999, на реванш од Интертото, но само дел знаат што се случуваше дента пред мечот. Гостите инсистираа на прописите, на трибини без седишта да се дозволи само 20 отсто од капацитетот. Стадионот во Прилеп, без малата трибина, бил пријавен за 10 илјади и на таков спектакл требаше да има најмногу две илјади гледачи. Судиите Португалци, а особено делегатот Бугарин не попуштаа. Во хотел “Липа” беше мачна расправа со преведувачи и долги убедувања како во Обединети нации. Ништо не се реши и на стадионот. Два часа до мечот делегатот стои на своето. Некој го повика да погледне одозгора на кај улицата. Гледа реки народ. Го предупредуваат на нереди и “крш”, ако се затворат портите. Дали се сожалил од некој старец кој му рекол “да го видам полн стадионов пред умирање”, дали некој му тутнал нешто в џеб, не е битно, но се направи на Тошо и замижа кога големата трибина се преполни со над 12 илјади навивачи. За Победа 0-0 извлекоа: Груевски, П. Ристевски, Николаевски, Димитриевиќ, Стојковиќ, М. Стојкоски (Петров – Грозданов), Г. Лазаревски, Каранфилоски, Жилсон, (Т. Наумоски), Н. Здравески, Главевски.

Loading