ПРИЛЕП ИМ ЛЕЖИ НА ДВЕ АМЕРИКАНКИ

Црната Фиби игра оро и позира

На Селест í се бендисува околината, гушната со живописни планини

Неколку американски граѓани работат и живеат во Прилеп неколку години во рамките на активностите на неколку организации. Некои доаѓаат и заминуваат за кусо време, а некои веќе се наши соседи и пријатели. Делиме арно и лошо. Велат дека пријатен им е престојот, сретнале ведри и љубезни луѓе, пријателски настроени, а големината на градот, без многу динамика, им претставува згодно место за живот. Богатството на култура и наследство им го побудува љубопитството и се воодушевуваат од историските споменици. Сето тоа им годи и затоа не исклучуваат да останат и да живеат. Веќе три месеци во Прилеп е Селест Едворти од Тексас, САД. Има 24 години. Преку американската асоцијација Изгрев, ја избрала Македонија од листата од многу понуди. Две години ќе ги промовира моралните и духовните вредности, втемелени во христијанството преку асоцијацијата која организира курсеви за совладување на англискиот и шпанскиот јазик. И на Фиби Филипс и лежи градот. Дваесет И три годишната црна “прилепчанка” има потекло од Нигерија. Американката, која 17 години живеела во Чикаго, во Прилеп девет месеци е вклучена во реализацијата на програмите на англиски јазик во Гимназијата “Мирче Ацев” преку организацијата Мировен корпус.

Стекнувам пријатели на секој чекор

На Селест í се допаѓа градот, бидејќи е мал и практичен за живеење, а луѓето се гостољубиви. За разлика од Америка, í се бендисува релаксираниот, лесен стил на живот. Впечаток í оставила околината, гушната со живописни планини. Импресионирана сум од географската положба, оти никогаш не сум живеела покрај планина. Би живела, зашто луѓето се однесуваат пријателски. Се трудат да ми помогнат, ако има некој проблем. Со пријателите полесно го совладувам македонскиот јазик – вели Селест. Научила дека карактеристично за Прилеп е “генот” на граѓаните да се шегуваат, да бидат мајтапчии. Знае дека прилепчни во земјава, потсмешливо ги нарекуваат мајмуни, но не користи погрдни термини, оти смета дека некој можеби ќе се навреди. Ми се допаѓаат обичаите. Имате богата традиција. Не сум била на свадба. Но, пред Велигден ноќта се кршев со јајца во дворот на црквата Свето Благовештение. Присуствував на венчавка во црквата. Интересно е разменувањето на круните, оти е многу поразлично од Америка. Воодушевена сум од манастирот Свети Арахангел – објаснува Селест. И храната и се допаѓа. Пробала мрсни сарми. И кажувале дека во Прилеп се слави Свети Никола на улица. Би сакала да проба ширден, за кое слушала дека е многу вкусно јадење.Засега ја почуствував само прилепската скара. Ми се допадна вкусот на турли-тавата. Не сум пробала толчени пиперки. Не знам дека е препознатливо јадење за прилепчани – кажува Селест за “средбите” со прилепската кујна. Била и во Скопје, а во Битола пиела кафе на Широксокак. Го посетила и Охрид.

Фиби готви сарма

Фиби стекнала многу пријатели во деветмесечниот престој. Има добро друштво, со кое излегува на кафе. Прилеп í е убаво место. И предизвикува пријатни чувства. Би сакала да живее. Комшиите, пријателите и колегите од гимназијата се однесуваат љубезно. Се смее за одговор на прашањето дали би сакала да стане прилепска невеста. Не í е чудно што í се загледуваат дека е црна. Малку се срами, оти го привлекува вниманието со црната боја. Но, не се чувствува непријатно во средина со белци. Интересно í е. Луѓето се добри. Градот е мал и погоден за релаксиран живот. Ме воодушевува културата. Некои на улица ме повикуваат да им позирам, да се фотографираме. Да им го држам детете во рацете за да се сликаат. Интересен им е тенот на кожата – кажува Фиби. Ја запознала прилепската традиција. Бев на две свадби. Научив да играм оро. Вкусна е македонската пица – пастрмајлијата. Станав “вешта” готвачка на мусака и сарма. Македонската кујна ми се допаѓа, ама некој да ја приготвува. Пробав грав и посни сарми на плоштад на Свети Никола. Мераклија сум на македонска храна. Во зависност од времето, зиме ставам по некој килограм повеќе поради вкусот на прилепските манџи, а лете губам од вишокот килограми – објаснува Фиби. Возбудена е последниве месеци, бидејќи ќе престојува во Нигерија, во Африка, во престолнината Лагос. Две недели ќе биде на нејзината родна грутка напуштена на шест години. Ќе се врати пак во Прилеп да остани до крајот на декември 2012 година.

Loading