Историја: Благоја Мината, три мандата претседател
Ден – денес повозрасните навивачи на некогашната Победа жалаат што тимот барем еднаш не го видоа во поранешната Прва југословенска лига. Зошто не беше направен тој чекор, а имаше четири-пет неискористени шанси од педесеттите до осумдесеттите години? И сега има коментари “го продадоа” клучниот меч 1966 во Сомбор. Првотимците се исплашиле, ако влезат ги губат местата. Има и друга логика, штом вределе за прво место во втора, вредат и за прва лига. Ама стравот постоеше, секој прави свој есап – вели Благоја Миноски (82), претседател три мандати во Победа.
Да нé немаше доволно пари градот?
– Кога била Победа без пари? Не ја финансираше само Прилеп, туку фирми од цела република. Најмногу даваше “Македонија табак”.
А далечните патувања до Словенија?
– Не беа проблем. И со авиони одевме. “Пелагонија турист” била тука, гигант, туристичкото биро… Ако влезевме еднаш, останувавме до крај, до растурањето на СФРЈ.
Се зборува Вардар ставал “сопки”, да не го загуби приматот?
– Вечно скопјани со таков став. И сега е слично, Вардар наместо второлигаш, нешто несфатливо, во Првата лига го зеде местото на Миравци!
Еден детал од ваше време. Во 1970 потпишавте рекорден, осумгодишен договор со Ристо Глигороски?
– За разлика од сега, имаше долги договори. На Глигороски му дадовме осум милиони динари. Со тие пари направи куќа во Косел – заврши Благоја Мината.