ИМИЊАТА СЛЕДНАТА НЕДЕЛА

Ракомет: Жито Прилеп привршува преговори со новите

Доаѓаат уште четири пет: бекови, крила, пивот и голманка

Навивачите се нетрпеливи, но во женскиот суперлигаш, Жито Прилеп, се истрајни во тајното чување на имињата од потенцијалните засилувања. Освен тренерот Ристо Магдинчев и Управата, никој не знае детали, иако дел од новите кришум тренирале во арената Сонце. Предвреме нема објавување. Дури наредната недела, јавноста ќе чуе кои се засилувањата – најавува Магдинчев. Медиумите избрзуваа со некои имиња. Потпишаа, бекот Тамара Стојановиќ и левото крило Даниела Матановиќ од Будуќност Подгорица. Најавена е преселба уште на две Црногорки од клубот Бисери Плевља. Тоа се шпекулации. Планираме четири-пет, бекови, крила, пивот и голманка, од земјава и странство – вели Магдинчев. Во тек е одморот за тие што натаму ќе го носат истиот дрес, голманките Дијана Наумоска и Сандра Дурланова, бековите Ивана Петковска, Марија Петлеска, Марија Когој, крилата Софија Аџулеска и Цветанка Срњакова, пивотите Маја Серафимовска и Кристина Илиеска… Паузата од 35 дена треба да се искористи активно. Стратегот даде задачи. Обврска се пливање, тенис, баскет, секаков вид физички активности. Првотимките се на распуст до 29 јули, кога е наредниот собир – заврши Ристо Магдинчев.

Прилепчанка блесна за Металург

Металург Скопје од Прва влезе во Супер лига, по бараж победата над Кичево 2010, на мечот одигран во арената Сонце. За младиот скопски тим најмногу голови, осум, постигна бекот Сара Стеваноска. Прилепчанка е од школата на Жито Прилеп. Има уште неколку прилепски ракометарки во други македонски клубови. Во странство најистакнати се сестрите Андријана и Матилда Атанасоски (Германија) и Марија Барлакоска (Австрија).

Loading