СЦЕНАТА Е КАКО НАЈВИСОКИОТ ВРВ

Викторија Степановска, актер

Викторија Степановска е актерка од Битола. Гостува во прилепскиот театар за насловната улога во претставата Антица во режија на Бранко Брезовец. Зад неа стојат улоги во “Женидба”, “Хамлет”, “Слугинки”, “Многу врева за ништо”, “Браќата Карамазови”… Двапати се качила на тронот на МТФ “Војдан Чернодрински”. Во 2007 година, како млад актер, и вторпат била закитена со признание за епизодна улога во 2008 година. За ролјата на Антица е прогласена за една од петте најдобри актери во Македонија заедно со Тони Михајловски, Дејан Лилиќ, Ирена Ристиќ и Фисник Зекири.

Дали ви годат наградите, особено онаа меѓу петте најдобри актери во земјава?

Секому би му годело признание, имајќи ги во вид останатите четворица мои компањони. Пријатно е кога се цени трудот, а уште поубаво во купчето со најдобрите. Епитетите и обврзуваат. Се движите напред во оправдување на довербата, која тешко се стекнува, а лесно се загубува.

Колку е предизвик да се игра Антица?

Не сум размислувала за Антица како лик. Не дека Крле не напишал доволно провокативен текст. Провокација најдов во музиката на Нечак, во одличната екипа на прилепскиот театар и во режијата на Бранко Брезовец. Тој е режисер кој точно знае што сака и кој, за среќа, не прави компромиси. Во претставите, сé има свое значење и секој го знае точното место. Пресудни беа овие фактори како да ја донесам “мојата” Антица. Секогаш може подобро. Како и да е, сме направиле голема работа.

Колку претставата е атрактивна?

Можеби е нескромно, но љубителите на театарот не се рамнодушни. Возбудена сум и горда после секоја изведба. Верувам дека сите членови заслужуваат громогласен аплауз.

Не ти е прва соработка со прилепскиот театар?

Првпат соработував во 2007 година. Гостував во ЧЕТВРТАТА СЕСТРА, а за улогата ја добив наградата за најдобар млад актер на МТФ “Војдан Чернодрински”. Втората соработка дојде на обострано задоволство. Се надевам дека ќе биде уште поуспешна.

Актерка си која дава максимум?

Ако е ова констатација, благодарам. А ако е прашање, одговарам дека се трудам да го дадам максимумот. Лудост е ако некој тврди дека се вложува еднакво во секоја улога. Се случува да не “легнува” ролјата, да не се поклопат коцките. Но, фала му на Бога, сум имала среќа со ликовите. Тогаш доаѓа вистинското уживање. Живеам со мојот лик 24/7. Се уверувам дека актерството е вистинскиот пат.

Кој беше поттикот да се биде актер?

Едноставно, се гледав на сцена, и само на сцена. Важна улога одигра и татко ми, кој е актер. Нешто ме влечеше од дете. На моја огромна среќа, уште ме влече. И тоа сé посилно, и посилно. Да се освои сцената е исто како да се освои највисокиот врв на светот. Имате моќ и слобода во свои раце, но нужна е внимателност и искреност до крај, оти сцената не е играчка.

Какво е чувството кога остварувате забележителни улогите?

Ме исполнува сознанието дека мојот труд не е залуден и дека креацијата некому му значи. Секое признание, награда, пофалба, е мотив, но и обврска плус за ангажман, да се верува во творештвото.

Посебен “сон” за некоја улога?

Не ги барам улогите, туку тие ме наоѓаат. Млада сум и верувам дека имам уште многу да покажам. Не се трудам никому да му се допаднам. Едноставно, сум си своја. Театарот не е бизнис, туку му пристапувам искрено и чесно. Тоа е формулата за успех во професијата. Создавам улоги со огромна верба и љубов, а луѓето го препознаваат тоа. Желба ми е да пробам ролја на филм.

Loading