СПУШТЕНИ ЗАВЕСИ НА ПРОЗОРЦИТЕ

Идентификација наместо вистинска радост

 

„Блазе си им на сиромашните со дух„ рекол Исус, „зашто нивно е царството небесно”.

Што значи да се биде „сиромав со духот”?

Без внатрешен товар,без идентификации.Ниту со нештата,ниту со било какви ментални творби,кои во себе го содржат доживувањето на сопственото јас.

А што е „царството небесно”?

Едноставна но продлабочена радост од Постоењето,која ја пронаоѓаме во моментот кога ќе се ослободиме од идентификацијата и ќе станеме „сиромашни со духот”.

Текстот е од книгата „ЕДИНСТВО СО СИОТ ЖИВОТ” од ЕКХАРТ ТОЛ. Не можам, а да не се доживувам како соучесник на настаните кои се случуваат во сиромашна и не така горда Македонија. Настојувам да не бидам критизерски настроен и да не им најдувам маана на играчите кои ја играат својата игра на теренот, сеедно дали станува збор за настани кои се случуваат во семејството, на работното место или во пошироки општествени рамки. Моите ставови во неколку наврати ги изнесував во „ЗЕНИТ”. Еве уште едно продолжение. Како чесен човек и интелектуалец искрено ги споделувам своите размисли со моите почитувани сограѓани. Длабоко ме повредува јазикот на омраза кој се повеќе доминира во нашата политичка стварност. Колку што се приближуваат изборите, се плашам од помислата колку зло ќе си нанесиме едни на други ние Македонците каде и да сме ширум целиот Свет. Уште повеќе ме загрижува евтината распродажба на кредибилитетот како држава и како македонски етнос, на меѓународен план, до кое неизбежно доаѓа со секоја глупост која нашите политички лидери ќе ја смислат со цел да ја омаловажат другата страна од народот, не водејќи сметка за пошироките и долгорочни државни интереси на Македонија и на нејзините граѓани. Со цел да не дозволиме да бидеме наивно изманипулирани, предлагам наместо автоматска и безусловна идентификација со ВМРО-ДПМНЕ, со СДСМ или со останатите политички партии, да се избориме за поголемо самопочитување и да гласаме самосвесно ослободени од омраза и слепа еуфорија. До колку не гледаме политички субјект на кого може да му веруваме и не гледаме некој кој е способен и одговорен да му овозможиме да располага со нашите судбини во наредните четири години, да излезиме на изборите и да ги пречкртаме непристојните предлози кои не претставуваат опција која ја заслужуваме. За момент да заборавиме и на Никола и на Бранко и на другите политички лидери, и да донесиме одлука која е разумна и одговорна и пред нашите Делчев, Сандански, Кузман Јосифоски Питу…, пред нас и пред нашите деца… И тогаш, ослободени од сите минливи и лажни идентификации со нашите „неповторливи, безгрешни и семоќни партиски водачи” да загребиме во длабочините на својата универзална човечка автентичност и токму тогаш да го направиме она што ќе ни го понуди нашата неподмитена свесност. Само така имаме шанса да се надеваме дека имаме капацитети да бидеме одговорни ковачи на подобра иднина за самите себе и за нашите деца без да се мразиме и напаѓаме по партиска, национална, верска или било каква друга основа. Во спротивно обременети од нашето партиско црно-бело гледање на личните и пошироките државни интереси ќе си поминиме со изборите како група туристи (сопартијци), која удобно седи во автобус и патува. Минувањето покрај езера, планини, реки, ливади, ќе остане незабележано зашто завесите на прозорците се спуштени и патниците не знаејќи што има надвор од автобусот, целото патување ќе го поминат во расправија – кој заслужува да седи напред, кој е најпривлечен, кој ужива најголем углед меѓу нив, целосно идентификувани со својот лидер, за кого се спремни да направат се, заборавајќи при тоа на сопствените приоритети, како и на длабокото чувство на лична слобода, и така… Со завршување на патувањето и поминување на изборите, ќе пропадни шансата да се согледа поширокиот хоризонт на личните и државни интереси,кој постои надвор од партискиот автобус. Да не се залажуваме дека можеме да освоиме поубав свет за себе и за своите деца, доколку не се ослободиме од идентификацијата со нашите водачи, и не станеме самостојни и „сиромашни со духот”. Пораката на самиот почеток на текстот навестува дека жртвувањето на партиската лојалност, ќе им го „отвори царството небесно” на сите, чиј ум ќе се ослободи од инфериорност и завист и чие срце ќе биде исполнето со љубов за сите граѓани на нашава горда и вечна Македонија.

Д-р Јохан Ѓорѓиоски

Loading