ЖЕНСКА МАСАЖА ЈА РАЗИГРА ПОБЕДА

Лидија Стеваноска, физиотерапевт со шампионска титула

Подвигот на Победа во сезоната 2006/2007 кога на чуден начин, во последните кола беше освоена титулата пред фаворитот Работнички, можеби се должи на една мала тајна. Клубот, единствен во државата имаше жена физиотерапевт, Лидија Стеваноска. Наспроти суеверието дека жена носела несреќа во фудбалот, со мене Победа прво излезе во Интертото, после вторпат стана шампион. Две години бев нон – стоп на тренинзи и натпревари. Првата постава имаше масажа пред истрчување на терен и по мечот. Играчите беа задоволни, имавме успех – вели Стеваноска. Прифаќањето во клубот не било лесно. Навикнати на покојниот Драган Мирчески, кој не можел да стасува насекаде, многумина прашувале “што бара жена во машки клуб?” Од фудбалерите прв мразот го скршил битолчанецот Борче Маневски. После е разбиена предрасудата. Не беше лесно, уште првата недела сакав да заминам. Слушав критики дека било непристојно. А маж може да работи секаде? Не разликувам пол во работата. Тоа е дискриминација. За среќа имав поддршка од управата, а фудбалерите ми беа како браќа. Заминав дури летото 2007, поради неисполнети обврски – вели Стеваноска, која сега не е во клуб и чека поволна понуда.

Loading