МЛАДИТЕ КОРИСТАТ ШАНСА

Ракомет: Жито Прилеп лесно до полуфиналето

Предничат голманот Дурланова и бекот Петлеска

Кадетката Сара Дурланова (16) мораше да стои на голот од женскиот ракометен суперлигаш Жито Прилеп и тоа на два меча, без замена. За 120 минути, на куп дуелите со Пехчево и Металург Скопје, забележа вкупно 34 одбрани. Немавме втор голман, бидејќи репрезентативката Наумоска беше уморна, а Ангелеска го повреди прстот. Задоволен сум од Дурланова. Талентирана е и со работа и многу мечеви, може да стане добра голманка – вели Ристо Магдинчев, тренерот. Во осминафиналето, дома Ж. Прилеп го совлада младиот тим на Пехчево со 49-14. Во четвртфиналето падна младиот тим Металург Скопје. За одбележување е играта на најмладиот бек, Марија Петлеска (16), која даде три гола на првиот и еден на вториот меч. Има прогрес, но и треба уште работа. Најдобра е како среден бек. Меѓу најталентираните се со Дурланова. Полека ќе влегува во првиот тим – најавува Магдинчев. Привршува сезоната, најуспешна во историјата на прилепскиот женски ракомет со освоено второ место и извесно финале во купот. Тука нема да се застане, туку апетитите растат. Со овој кадар извлекуваме максимум, а за повеќе потребни се засилувања – потенцира Ристо Магдинчев.

Финале со Металург

Ждрепката за купот беше праведна и во полуфиналето на Ж. Прилеп за ривал падна скопски Вардар. Се очекува сигурна победа и пласман во финалето, во борба за пехарот. Таму ќе чека Металург, кој има лесна задача со велешки Леов бартек. Мечевите се на 7 и 8 мај во “Автокоманда”, Скопје. Претходно, на 3 мај е “загревање”, со првенственото гостување кај Леов бартек во Велес.

Loading