ЕКС ПРАТЕНИЦИТЕ ДА СТАНАТ БИЗНИСМЕНИ

Вангел Мошков, кандидат за пратеник во 1998 г. од МНК- (ДП, МААК- КП и МА)

Изборите се добри за профитери

Како член на Демократската партија, Вангел Мошков бил кандидат за пратеник во 1998 г. од Македонската национална коалиција (МНК) во која покрај партијата од која доаѓал, биле и МААК – Конзервативна партија со Страшо Ангеловски и Македонска Алијанса предводена од Џорџ Атанасоски. Слоганот бил “Ние доаѓаме”, покрај постојаната црнобела позиционираност на ВМРО – ДМНЕ и СДСМ.

 

Коалиција со различни интереси

Демократската партија со Денко Скалоски содржела интелектуален кадар. Неколку години СДСМ имаше апсолутна власт со 70-80 пратеници. Се наѕираше пропаѓањето, се бараше промена. Извесно беше дека СДСМ ќе загуби. Се формира единствена коалиција на македонски партии да удрат темели на здрава држава. На крајот, се виде дека беше чудна коалиција. Имаше двоумење кај народот за коалиција со албанските партии. Различни беа интересите на трите партии. Бев заменик претседател, а заобиколуван во креирањето на политиката. Џорџ настапи со 1,7 милиони долари како свои пари за кампања. Се виде дека не биле негови, туку од иселениците кои спонзорирале чесни пари да добијат здрава држава на изборите. Но, некој само профитира. Изборите се добри за профитерите – вели Мошков.

Разочарување од изборите

Според него, сите се борат за првите сигурни места. Ако некој е чесен, по епилогот на мандатот, да се кандидира за втор мандат, но после десетто место на листата. Не треба да му е мотив плата од 1500 евра, а не кажал ни два збора на говорницата за четири години. По изборите се разочарал, оти коалицијата не “фатила” место ниту еден пратеник. Според него, и сега ВМРО-ДПМНЕ ќе има повеќе пратеници. Разликата ќе биде тесна, оти се кандидира само најтесното раководство. Не може само млади анонимуси да се кандидираат, луѓе без фамилија и кои не извадиле банка со свој труд во стопанството. Потребни се искусни, но не и состав од “фосили”. Нужно е преструктуирање со искусен, проверен и способен кадар. Дури не зајакне стопанството, пропаѓа државата. Екс пратениците да не се вработуваат во државна служба, туку да отворат приватен бизнис, да видат на сопствена кожа како функционираат законите кои ги изгласале – вели Мошков. Демократската партија продлжила да функционира до 1999 г. Не ја обновиле регистрацијата и не поднеле пристапници. Најголемиот процут партијата на локално ниво го имала со д-р Ношпал и Петар Василески. Оттогаш Мошков е повлечен од политиката.

И метла ќе победеше

– Народот беше заситен од апсолутизмот на СДСМ. Се создаде атмосфера што ВМРО-ДПМНЕ можеше да кандидира било која личност и сигурно ги добиваше изборите. Се велеше:дека и метла да пишиш за име, се добиваа изборите. Македонската национална коалиција не беше посакуван партнер кај блокот предводен од ВМРО-ДПМНЕ, иако се нудеа квалитетни кадри – вели Мошков.

ПРЕДЛОГОТ ЗА ГРБ НАСТРАНА

– При крајот на мандатот на парламентарниот состав од 1998 г. пред да се воведе бадинтеровото мнозиство, пратеникот Звонко Мирчески – Џо покрена иницијатива да се донесе грбот на Македонија, но ВМРО-ДПМНЕ не прифати. Македонштината на друг начин се искажува. До ден денес немаме државен грб. Се предложи решение, имаа апсолутно мнозинство и сега, но и тоа не го направија, бидејќи им е битен коалициониот партнер -вели Мошков.