СЕ КРИЈАТ СЕМЕЈНИТЕ ТЕПАЧКИ

Семејното насилство е во пораст, тврдат од Меѓуопштинскиот центар за социјални работи. Ако лани имало 30 случаи, годинава за трите месеци регистрирани се 12 случаи, од кои половината се од Кривогаштани. Според надлежните, сé уште жртвите не го пријавуваат насилството, особено од националностите. Уште семејното насилство се смета за приватна работа, случај кој треба да се држи зад затворени врати во домот. Никој не се зафаќаше со проблемите околу тепањата или омаловажувањата. Но се менува климата. Веќе се пријавува малтретирање, навредување, загрозување на сигурноста, телесно повредување, полово или друго психичко или физичко насилство, кое предизвикува чувство на страв и несигурност. Има уште жртви кои се плашат и не се охрабруваат да проговорат. Треба да се окуражат жртвите да пријават во полицијата или во граѓанските организации – вели Јасминка Митреска, социјален работник. Мерките за заштита од семејното насилство, кое го има и врз жени и врз мажи, се преземаат по пријави. За жртвите обезбедуваме сместување повеќе месеци, здравствена заштита, соодветен психосоцијален третман, упатување во советувалиште, помош за образование на децата, правна помош и покренување постапка пред судот. Мерката што ќе се определи зависи од проценката на стручниот тим во Центарот – посочува Митреска. Најважно е жртвите да не чекаат времето да им донесе промена, туку самите да го променат животот. Само така може да се каже стоп на насилството.

Loading