СТОТТИОТ НАПИС

Според нашата евиденција (можеби не многу точна) ова е стоттиот напис. Сто статии во “Зенит” во рубриката “јазичен агол”. Сто написи за стотици и стотици јазични грешки. Многу!Бескрај!

Овој пат нема да пишуваме за грешките. Ќе се позанимаваме малку со поинакви теми од областа на јазикот. Нешто,околу потеклото, околу настанувањето на некои зборови или поими. Нешто за значењето на некои сопствени именки. Ќе споменеме и за непотребното позајмување на туѓи зборови.

Потеклото на зборовите?! На некои зборови им се знае, на некои не. Ќе го земеме за пример зборот РОКОКО. Се знае дека РОКОКО е стил во уметноста кој се појавил некаде во првата половина на осумнаесеттиот век, во Франција. Најкарактеристична е неговата примена во внатрешната архитектура, во обликувањето на мебелот и во модата. Многу украси, раскош, многу извиени форми, прекрасни бои.

Максим Горки, во една статија,дава објаснение за потеклото на овој збор. Тој вели дека мнногу полнозначни зборови можат да настанат од сосема апстрактни зборчиња, кои немаат никакво значење. Прочитал тој (некогаш во младите години, (како што вели ), но не си спомнува точно каде. Имено, тој пишува за времето кога феудалното општество е во залезот. Кога почнува да изумира благородничкиот сталеж и се појавува буржуазијата. Некои, новопечени буржуи, приредувале голема гозба, голем прием, а имало покането и претставници од дворјанството. Просторијата била фантастично украсена. Во средината доминирал еден голем галски петел изработен од разни цветови. Некој од благородниците, веројатно бил малоумник или имал проблем со говорот, восхитен од петелот, извикал – РО-РО-РО!… Некој од неговите придружници до него, извикал – КО-КО-КО!… (На француски петел се вика КОК). Ете така се родил и настанал зборот РОКОКО, од некои сосема безначајни зборови. Веродостојноста не е стонастотна, но е сосема можна. Можна е, како што е можно да се појави нова мода од еден случаен и незначаен настан. Сме прочитале дека некој принц (не си спомнуваме дали беше француски или англиски) требало да прескокне некој надојден поток. За да не ги наводени панталоните, ги подзасукал, ги подзавртел и така го прескокнал потокот. Тоа им дало идеја на модните креатори да изработат панталони со манжетки, со капачиња.

Личните имиња, за разлика од другите зборови, речиси, сите имаат определено значење и јасно потекло. Луѓето честопати не го знаат потеклото на своето име, но тоа не им пречи да си го носат името што им е дадено.

Голем број, многу голем, имаат еврејско или грчко потекло. Причината за тоа е религијата или поточно – Библијата. Стариот Завет е напишан на еврејски јазик, а новиот на грчки. При преведувањето, настануваат некои измени, но основата останува иста. Во кириличната транскрипција многу имиња се напишани и се изговараат со “В” а во латиничната со “Б”, на пример: Во кириличната транскрипција е – ВАВИЛОН, НАВУХОДОНОСОР, ВАРАВА, РЕВЕКА, ВАРВАРА и така натаму. Во латиничната транскрипција е – БАБИЛОН, НАБУКОДОНОСОР, БАРАБА, РЕБЕКА, БАРБАРА и слично. Овде настанува и определено мешање. Во земјите кои се служат со кирилично писмо, навлегуваат многу имиња со западна транскрипција. На пример, името ВАРВАРА сега ретко ќе го сретнеме, а БАРБАРИ има многу. Тоа им звучи некако, поубаво. Операта, секаде е позната како НАБУКО. РЕВЕКА, речиси и да ја нема, но РЕБЕКА ја има. Интересен е случајот со ВАРАВА (БАРАБА). Тој е разбојникот кого Пилат го ослободува од затвор, наместо Христос. Тоа е по барање на толпата народ, кој имал право за време на ПАСХАТА, да бара ослободување на еден затвореник. Името ВАРАВА на еврејски значи ТАТКОВ СИН. Во српскиот јазик е навлезена западната варијанта – БАРАБА. И Србите го користат како погрден збор. Кај нас се среќава поретко, луѓето мислат дека тоа е српски збор. А таму каде што се употребува, се прави и грешка. Се вели – БАРАБО една, како да е од женски род, а ВАРАВА (БАРАБА) бил маж.

Исто така интересен е случајот и со РЕВЕКА (РЕБЕКА). Со гордост го носат тоа име а не знаат дека тоа на еврејски значи КРАВА. А еврејското име РАХИЛА, кое го има и кај нас, значи ОВЦА.

ВАРВАРА (БАРБАРА) значи НЕГРКИНКА. Така ги нарекувале Грците оние што не се Грци. ВАВИЛОН (БАБИЛОН), значи ВРАТА НА БОГА, а ЈОВАН е грчка форма на еврејското ЈАХВЕ Е МИЛОСТИВ. ЈАКОВ значи измамник, ЈОСИФ значи – ЈАХВЕ НЕКА ПРИДАДЕ, и така натаму и така натаму. Секое лично име има свое значење.

Рековме дека ќе споменеме нешто и за позајмувањето на туѓи зборови. Сме пишувале за ова во повеќе наврати. Но, сега не предизвика еден збор, кој што и ние лично сме го користеле погрешно, но ете си ја откривме грешката. Се работи за зборот ШИПКА. А што е тоа ШИПКА? Тое е жбунесто и трнливо дрво. Црвените плодови, исто така, се викаат ШИПКИ. Некаде ги викаат ШИПИНКИ, а дрвото ШИП. Во Речникот е регистрирано како ШИПКА. Тој збор се користи и во некои преносни значења. На пример, ако некој човек многу работел, а малку заработил, ако го прашаме дали зел многу пари, ќе ни одговори – “Зедов шипки”. Ако прашате некој ученик дали научил, а тој нема научено, ќе рече – “Научив шипки”

Но, еве, сега е време на многу разбојништва, кражби, тепачки. Секој ден слушаме дека разбојниците биле наоружани, меѓу другото, и со метални ШИПКИ. А зошто не со метални ПРАЧКИ. Тое е точното.

И еве пак една случајност! Една етикета од тегла со мармалад, не натера да размислиме. “Мармалад од ШИПКИ” пишуваше. Зар дури сега требаше да се сетиме дека ШИПКИТЕ се плодови, а не метални прачки. Зошто позајмуваме туѓ збор, кога имаме наш?!

И сега, што ќе заклучиме? Дали си го знаеме јазикот ние Македонците? Ако не праша некој, најточниот одговор би бил – “ШИПКИ СИ ГО ЗНАЕМЕ”!

Благоја Ивчески

Loading