СЕДУМ “СИТА” ЗА 30 ИГРАЧИ

Фудбал: Нова подготвителна фаза на 11 Октомври

На 9 февруари е гостувањето кај Тиквеш

Фудбалскиот второлигаш со прволигашки амбиции, 11 Октомври, ја заврши првата фаза од подготовките, кондицискиот дел и стартува втората. Воигрувањето на тимот од тренерот Николче Здравески е планирано низ седум пријателски средби. Серијата тргнува од 9 феруари, кај Тиквеш во Кавадарци. Следат гостувања на прволигаши и второлигаши, 13 февруари кај Брегалница во Штип, па Напредок во Кичево, Пелистер во Битола и уште некој противник. На крај одиме во Новаци, со кого е можен реванш пред првенствената битка за бодови – најавува Сашо Иваноски, претседател на 11 Октомври. Клубот зимава инвестираше во теренот од стадионот “Гоце Делчев” кој практично го враќа во живот. Некогаш беше убав како “Вембли”, а есеноска нерамен со дупки. Преземени се мерки за санација, а тимот се воздржува од користење при подготовките. Додека не почне вегетацијата, екипата нема да влезе внатре. Планираните пријателски натпревари ќе ги одиграме сите на гости – вели Иваноски. Навивачите со душа чекаат да ги видат своите миленици. Сите се оптимисти. Сметаат дека со расположливиот играчки и стручен кадар, поддржани од спонзорот Витаминка, ќе се избори пласман во елитното друштво. Симпатизеритетреба да покажат трпеливост до март. Пред гостувањето кај Миравци, ако теренот е во добра состојба, планираме прв тест дома со Новаци. Ја чуваме и негуваме тревата – истакнува Иваноски. Во стројот е и Тони Мегленски, повратник од странство, а Стојанче Дунимаглоски се врати од Крагуевац, оти не се договори со Раднички. Тренерот Николче Здравески на подготовките работи со 30 првотимци, а сите поминуваат низ “ситата” – пријателските мечеви на 11 Октомври.

Четири гола на тренинг меч

Првиот тренинг меч беше во вторникот на Спортски центар “Маркови кули”. Двата тима беа поделени на “повозрасни” и “помлади”. Првите победија со 3-1 (2-0). За победникот головите ги дадоа Ацески, Гешоски и Дунимаглоски, а за поразените Илиоски. Добар меч на тежок терен. Издржливоста покажува дека одлично работевме досега. Максимум подготвени ќе бидеме до пролетниот првенствен старт на 6 март кај Миравци – смета Новче Ацески.

Loading