ПОЕЗИЈАТА Е НАДОПОЛНУВАЊЕ НА ЖИВОТОТ

Василе Димески, поет

Поезијата е поинакво чувствување на животот. Отворање е на посебен свет во кој поетот живее. Тоа не значи живот апсолутно надвор од реалниот. Поезијата е надополнување на животот, отворање на нов свет, нешто што го надополнува духовното живеење на авторот”. Вака вели поетот Василе Димески кој ја доби наградата “Дијалог” за поетската книга “Не е ноќ дури те памтам”. Признанието е сатисфакција за творечкиот напор, но и обврска за континуитет во литературата. Насловот на книгата, според него, имал симболично значење. Никогаш не е мрак, никогаш не е нешто загубено, додека постои во сеќавањето на човекот. Кога нешто ќе се изгуби, ќе се избрише од меморијата, тогаш е крај. Но, во случај да постои во сеќавањето, тоа е знак за продолжување, опстојување. Тоа е живот – вели Димески. Дружбата со поезијата му била одамна. Со поезијата сум од 1964 година, кога ја објавив првата песна во “Стремеж”. Членував во тогаш престижниот литературен клуб “Никола Јонков – Вапцаров”, со повеќе млади автори. Знаевме со часови да се дружиме, да дискутираме, полемизираме. Животот ми беше исполнет, верував во многу нешта, дури и дека преку уметноста, може да се промени светот. Имаше периоди и на подлабоко разочарување, затоа што реалноста драстично се разликува од светот на уметноста. Но, поезијата го облагородува човекот, неговата душа – посочува поетот. Има издадено повеќе поетски книги и е автор на неколку драмски текстови. Во минатото други фактори одлучуваа кој ќе биде писател или не. Можностите беа ограничени, во споредба со сега, кога се отвора нова презентација на создаденото. Тоа е ново отворање на уметноста, овозможено од новата технологија. Нема цензура, а порано беше лошо, деструктивно, кога некој ќе покажеше со прст кон одредени политички убедувања. Сега има слобода во творењето. Имаме поголеми можности да го презентираме создаденото. Во текот на својот живот се обидов да се реализирам и како драмски автор и како поет. Меѓутоа, како драмски автор не сум му интересен за театарските работници. Можеби еден ден сето тоа ќе се промени. Во поезијата не би можел да кажам дека се потпирам врз еден одреден мотив. Имам доста разнородна поетска мисла. Животот и своето поетско творештво не можам да го замислам да биде насочено кон еден одреден вид. Имам песни што имаат пошироко значење. Тоа произлегува од животот, од условите во кои живееме. Тоа е плод и на постојано трагање по нови мотиви. Не значи дека авторот не се навраќа кон пишуваното, затоа што секогаш има ново видување на одреден мотив. Едно поинакво доживување на нештата, без разлика дали се работи за состојби во општествениот живот, кои се рефлектираат во поетската мисла на одреден автор – раскажува Димески. Последните години поинтензивно твори. Моментно пишува нова поетска книга. Се обидувам да го надополнам пропуштеното, без оглед дали е од објективни или од субјективни причини. Во творештвото имам прилично празни периоди. Тоа е резултат на неможноста некогаш да се објави одредена поетска книга. Тој простор честопати беше затворен за одредени автори. Сметам дека е потребно превреднување во македонската литература, затоа што прилично голем е бројот на авторите кои се неправедно запоставени, дали од политички или други побуди. Има и преценети автори. Во иднина македонската литературна критика треба тоа да го расчисти – завршува поетот.

Василе Димески дипломирал на Филозофски факултет, група историја на југословенска книжевност во Скопје. Од 1982 година кога ја издава збирката поезија “Бакарни ѕвона”, издал уште пет книги поезии, (“Изместена земја”, “Тука запира се”, “Градовите паѓаат за тебе”…) две поеми “ Сеопшта песна” објавени во 1991 и 2001 година, седум драмски книги (“Квадратура на кругот”, “Војводата од пусто турско”, “Условен рефлекс”, “Да, госпоѓо Фирер”, “Враќањето на За Зо Кули – Бан”…) како и книгата полемики “Мојата пресметка со нив”.

Loading