ИШ НА “ЛИЛЈАКОТ”

од косо видено

Со доаѓањето на покусите денови, не паѓаат само лисјата од дрвјата. Паѓа и расположението. Многумина, посебно зиме, стануваат депресивни. Заболуваат од душевен “грип”. Вообичаено, депресијата се поврзува со биолошкиот часовник. Регулирањето на нивото на хормоните, на серотонинот, е пропорционално со присутноста на светлината. Но, човекот не е само биолошки детерминиран. Затоа се вели – за човекот да го попари слана, не мора да е есен. И уште, од темнината во природата, пострашен е мракот во умот. Став што, по основа на светлината, води до поинакво сфаќање на депресијата.

Таа терминолошки, генерално, означува некаков пад. Геолошки, се однесува на област лоцирана под морската, нулта површина. Трговски, претставува пад на цените. Општествено-социолошки пад на системот на вредности под човечкото достоинство. Од тука, со невработеноста, сиромаштијата, корупцијата и криминалот, нашето општество само по себе е депресивно. Тие девијации, како своевидни “облаци”, ја затемнуваат нашата животна реалност. Нашите визионери достасаа до својата светла иднина. Нам, од ветувањата за светла “перспектива”, ни се стемни. Не гледаме бело видело. Ниту серотонин и расположение. Само оние кои живеат од денес до утре расчистија со посветлата иднина. И не знаат што е тоа депресија.

На останатите како во домот да им влегол лилјак со темни очила. И ги заразил, не со птичји, туку со душевен “грип”. Нештата ги гледаат преку тие очила. Ако времето е убаво, велат дека нема долго да трае. На “како си денес?”, одговараат “подобро од утре”. Промените ги доживуваат катастрофално. Коментираат дека животот е тежок дека се среќни што другите живеат наместо нив, не знаат што е одушевување. Но, не и главоболки и несоница. Сонуваат будни и животот им станува кошмар. Не знаат каде им е главата, па трошат премногу аспирини. Зашеметени се како некој да им ја украл целесообразноста и смислата на животот.

Како да се избрка лилјакот?. Како да се излекува душевниот “грип”?. Начелно, проблемите се во главата. И решенијата се таму. Треба да се воздигнеме од падот во длабока мисла. Освен главното решение, умноста нуди и резервно утешение. Ова второво е парадоксално. Ни обелоденува дека додека можеме да паѓаме, не сме пропаднале. И ако мислиме дека сме готови, зошто тогаш да се грижиме. Впрочем, колку повеќе се грижиме за здравјето, толку поздрави ќе умреме. А тоа не е здрава смрт. И животот е штетен за здравјето, па сепак мнозинството живее. Се смешка, иако утре ќе му биде полошо. Главното решение, препорачливо за трајно депресивно општество како нашево, е да се помолиме:

“Господе, дај ни мирнотија да ги поднесуваме нештата кои не можеме да ги промениме, дај ни храброст да ги промениме нештата кои можеме да ги измениме, и дај ни мудрост да го разликуваме едното од другото”

Марјан Спиркоски

Loading