МЕТАЛУРГ ДА ПОЧУСТВУВА ПОРАЗ ПО ДВЕ ГОДИНИ

Ракомет: В сабота (19, 30 ч.) Жито Прилеп против гигантот

Гостинките минатата сезона и есенва немаат загубено меч

В сабота (19, 30 ч.), во сала “Македонија” големо женско ракометно дерби, Жито Прилеп – Металург. Домашните со победа се израмнуваат бодовно со лидерот. Гостинките, предводени од тренерот Крсто Петрушевски, одамна немаат загубено. Цела мината сезона, плус есенва, се без загубен меч. Редно е да почувствуваат пораз по две години. Конечно прво дерби по осамостојувањето. Прв клуб сме кој сака да парира на водечкиот, порано Кометал, сега Металург. Нивни адути се интернационалното искуство, воиграноста. Најсилни се на пивот и десен бек. Ако ги покриеме тие позиции, возвраќаме со одличен голман, цврста одбрана, се посигурен напад, дисциплина… Имаме прогрес изминатите кола, многу оптимизам, желба и мотив. Со серија победи сметам дека заслужуваме полна сала до последно место. Со навивачите, “осмиот играч” можеме до успех – вели – вели Ристо Магдинчев, тренер на Ж. Прилеп. Второпласираниот лесно ги гази ривалите. Паднаа скопските Ѓорче Петров и Вардар, струшки ФОН универзитет, Гелгелија, Кичево, велешки Леов. Жито Прилеп покажа дека е подготвен да го го турне и големиот Металург. Надминати се слабостите од пред два месеца, кога во Скопје, шампионот без мака славеше со 37-17. Беше само наш лош ден. Психолошки паднавме, многу сакавме – малку дадовме. Утревечер е друга приказна. Готвиме тактика за разбивање на нивната висока одбрана. Ако тука успееме, блиску сме до целта. Дома, поддржани од навивачите, зборуваме само за триумф – порачува Марија Когој, бек на Жито Прилеп. Судирот е меѓу репрезентативки. Од Металург се: Андреева, Бајрамоска, Ѓорѓиевска, Мечевска, Младеновска, Новеска, повратничката од Германија… Бројни се и од Жито Прилеп: Наумоска, Срњакова, Шалевска, Ацковска, Папуџиева, Гичева… Последните две се жалат на повреди, но со “стиснати заби” ќе дадат придонес за голема победа на Ж. Прилеп.

Влезот слободен

Управата на Ж. Прилеп овозможи бесплатен влез за масовна посета. Навивачката група “Мајмуни” ќе ги бодри домашните ракометарки со тапани, труби, знамиња и транспаренти. Објектот се полни како некогаш. Се очекуваат над две илјади гледачи во салата “Македонија”.

РК Прилеп се откажа

Нема повеќе суперлигашки машки ракомет. РК Прилеп го откажа учеството во лигата, по седумте порази. Причина е беспарицата. Немоќни сме, не можеме натаму. Негрижата на градот не доведе до неминовен крај – информираат од РК Прилеп. Според тоа откажан е утрешниот меч во Универзална, РК Прилеп – Борец.

Loading