ГОСПОДИН МИНИСТРЕ, ЗАКОНОТ ТРЕБА ДА СЕ ПОЧИТУВА

Висок политичар. Им се обраќа на колегите и бара да не се ВРЕЃААТ меѓу себе. Ова го повторува на повеќе седници. Никој не му укажал на грешката. Но, зар за него не е навредливо некој да му укажува. Зар уште не сфатил дека ВРЕЃАЊЕ е српски збор, на македонски тоа е НАВРЕДУВАЊЕ. Во една друга пригода, истиот политичар ја брани Македонија. Во врска со името. Вели дека нема да дозволиме компромис што ЗАДИРА во нашиот идентитет и во нашиот јазик. А што значи тоа – ЗАДИРА?! Во Речникот на македонскиот јазик одбележан е овој збор но со поинакво значење. На македонски ЗАДИРА значи – СЕ ЗАДЕВА, СЕ ЗАФАЌА. Оттука произлегува и именката ЗАДРОГАЗ, човек што постојано се ЗАДИРА, се ЗАДЕВА. Во некои краеви од Македонија постои и именка ЗАДОРИЦА. И таа е изведена од истиот глагол. Човек што се ЗАДИРА, се ЗАДЕВА.

Ова што сакаше да го каже нашиот политичар е сосема нешто друго. Тој го зел српскиот глагол ЗАДИРЕ и сака да го помакедончи, односно, не знае дека не е македонски. Во српскиот јазик постои глагол ДИРАТИ. Тоа значи дека некој нешто пипа, пофаќа, допира. Има и други значења, но сега нема да се задржуваме на нив. Во конкретниов случај политичарот сакаше да каже дека нема да прифатиме компромис кој ЗАФАЌА во нашиот јазик и во нашиот идентитет, кој ЧЕПКА во нашиот идентитет, кој ДОПИРА таму, кој го ЗАСЕГА. Ова може да се каже и со други зборови. Постојат многу можности и варијанти. Ете, го одбрал српскиот глагол ДИРАТИ, односно изведенката – ЗАДИРЕ. Наместо Е на крајот ставил А и мисли дека на таков начин српскиот глагол станува македонски. Оваа грешка ја практикуваат повеќемина. Особено политичарите. Зборот ДИРА (ЗАДИРА) со вакво значење го нема во нашиот јазик и не треба да се употребува.

Многу често во Парламентот сме чуле и тоа дека некој од нешто бил ЗАПРЕПАСТЕН. И тоа е туѓ збор, српски. ВЏАШЕН, ВЧУДОВИДЕН, тоа се нашите зборови.

Немаме обичај да ги именуваме личностите што ги направиле грешките. Но, овој пат ќе направиме исклучок и ќе го споменеме министерот за правда. Тој најдобро ги знае законите и веројатно знае дека постои закон, според кој, во Македонија, службен јазик е македонскиот. А тој?! Слушаме едно интервју. Објаснува министерот дека во затворот Идризово ќе се урнеле старите КАПАЦИТЕТИ и ќе се граделе нови КАПАЦИТЕТИ. Го повтори тоа повеќе пати. Па знае ли тој што е тоа КАПАЦИТЕТ?! Ни старите згради ни новите што ќе се градат не се КАПАЦИТЕТИ. Тие имаат или ќе имаат свој капацитет. Да речеме дека ќе располагаат со толку и толку легла, но зградата не е КАПАЦИТЕТ, како што не се КАПАЦИТЕТИ централите, фабриките, хотелите, за кои исто така слушаме да се нарекуваат КАПАЦИТЕТИ. Сме го слушале тоа и од министерот. Тој употребува збор ПОНАВЉА. Срамота е ова да го објаснуваме. Наместо СЛУЧАИ, тој вели СЛУЧАЕВИ. И што ли уште не. Употребувајќи вакви погрешни зборови и со едно крајно погрешно акцентирање, му дава на јазикот карикатурална форма. А се знае, дека во македонскиот јазик кај повеќесложните зборови акцентот паѓа на третиот слог однапред, а тој, кај четворосложните зборови го акцентира првиот слог однапред – ЗАТВОРИТЕ, СУДОВИТЕ, СУДИИТЕ, ГРАЃАНИТЕ и уште безброј, безброј погрешни акцентирања. Не се само овие грешки на министерот и не само на министерот. Кога се донесува некој нов закон министерот практикува да вели – ЗАКОНСКО РЕШЕНИЕ. Тоа е ЗАКОН, а не ЗАКОНСКО РЕШЕНИЕ. Законски решенија се сите решенија што имаат законска основа. Решение за годишен одмор, решение за работен однос и така натаму. Кога е на дневен ред некој ПРЕДЛОГ – ЗАКОН министерот практикува да рече ЗАКОНСКИ ПРЕДЛОГ. И тоа е грешка. ПРЕДЛОГ – ЗАКОН е ЗАКОН, предложен да влезе во процедура да се гласа за него. А не станува збор за ЗАКОНСКИ ПРЕДЛОГ, Парламентот не работи според НЕЗАКОНСКИ ПРЕДЛОЗИ.

Министерот најдобро знае дека кршењето на законите се санкционира. А ЗАКОНОТ за јазикот?! Одговара ли некој за кршењето на тој закон?! За жал, никој! Кога би имало одговорност, ќе биде потребен уште некој “КАПАЦИТЕТ”, зар не, господин министре?!

Македонскиот јазик го подисчистивме од турцизмите. Но, некои зборови останале. И треба да останат. Многу соодветно ги именуваат нештата. Еден од тие зборови е – РЕЗИЛ! РЕЗИЛ!!! Таква е состојбата во нашиот јазик.

Благоја Ивчески

Loading