ДО КРАЈ НЕ ПРИМАМЕ ГОЛ

Фудбал: Денис Димитриоски, првотимец на 11 Октомври

Со цврста одбрана, доволен е еден погодок за три бода

Тимот на 11 Октомври цврсто “гази” есенва на второлигашките дуели. Посебно одбраната е на ниво, со примени само два гола, на стартот. Веќе седум кола мрежата е недопрена. Меѓу заслужните е десниот бек Денис Димитриоски. Бедемот се должи на квалитетот, искуството. Лидер е Данилов, кој има играно во странство. Крај него Филип Мирчески, од левата страна Рутевски. Целиот тим придонесува за одбраната. До крај на полусезоната планираме да не примиме гол – вели Димитриоски. Порано играше во стоперската линија. Се снаоѓаше и во средниот ред. Изгледа местото му е на десната странична позиција, улога доверена од тренерот Николче Здравески. Напорно е. Трчам назад – напред без застој. Таков е фудбалот. За успех мора да се одговара на задачите – смета Димитриоски. Клубот функционира со ред и дисциплина. Секој ги знае обврските, а професионалниот пристап носи успех. Клубот стана голем. Презадоволни сме. И раководството нема забелешки на нашето залагање. Заедно со навивачите одиме во прва лига – завршува Димитриоски.

Новаци како дома

В недела е гостувањето кај Новаци. Таму 11 Октомври е чест гостин. Теренот е најпознат. Како дома сме во Новаци. Публиката е пристојна. Со “бетонската” одбрана, ако дадеме гол, земаме три бода – вели Димитриоски.

Loading