БАКНЕЖИ ЗА МОГИЛАТА

Сеќавање на Цветан Беличански за Паркот на револуцијата во предвечерието на 11 Октомври

Од над 90 – тина народни херои во Македонија, 15 се од Прилеп 

 

Прилеп, е град кој жртвува 650 млади животи, за слободна Македонија. Со пиетет наречен Херој. На повеќе од осум илјади учесници во НОБ од Прилеп и прилепско подигнат им е споменик, наречен Могилата на непобедените. Во нивна чест само го скицирал и реализирал белградскиот архитект Богдан Богдановиќ. Величенствениот објект дише скромно, живее вечно со сета широчина, да се надополнува со новини.

Брдото преименувано во Парк на револуцијата 

Ритче југоисточно од Прилеп во непосредна близина на градот, наречено во духот на тој живот е Брдото. Било омилено катче, гнездо, секојдневно шеталиште на младите. Ова е некогашната и денешната слика на Паркот на револуцијата, чија вегетација буи од 1927 година. Могилата на непобедените е заедничка гробница на 650 загинати, а во Алејата се десетте народните херои. Во Паркот е и споменикот Жена – борец. Во 1961 година се прославуваше 20-годишнина од почетокот на НОБ. Со поширока програма, се изгради величенствен споменик, зашто тука беше почетокот на востанието на македонскиот народ на 11 октомври 1941 година и масовните организирања на младите, каде зборуваа Борка Талески, Кузман Јосифоски – Питу и други. Од преку 90 – тина народни херои во Македонија, 15 се од Прилеп. Затоа споменикот се изгради, а архитект беше Богдан Богдановиќ, кој знаеше како дишеше градот – кажува 90 годишниот историчар Цветан Беличански, кој настаните ги следи континуирано како современик. Пред Втората светска војна паркот бил собиралиште на напредни млади. Бидејќи полицијата ги прогонувала, младите тајно се собирале и разменувале идеи за нов слободен и почовечен живот. Наречен е Парк на револуцијата по ослободувањето, поради масовно младешко гнездо за слободна Македонија. Помни добро, зашто бил и дел од демонстрациите на втори август 1940 година и учесник во НОБ. Со многуте млади се приклучивме на поворката од кај чешмата наречена Крстот – се сеќава тој.

Слободен избор на уметникот 

Оригиналната Могила, е од бел прилепски мермер, познат од антиката. Споменикот ја отсликува величината на ослободителната борба на храбрите жители од градот и околината. Испишани се сите имиња на наши и неколку руски борци, со датум на раѓање и загинување. Најмногу загинати се млади луѓе. Споменикот е составен од два дела, што чинат една целина – крипта и предворје со пошироки димензии. Во предворјето се осумте столбови. Најголемиот столб е украсен со каналури. Бројката осум на столбовите е слободен избор на уметникот – забележува историчарот. Денес Паркот е обновен со клупи, спортски трим патеки, две езерца, куќичка за птици, игралишта, отворена сцена за историски часови на посетителите. Носев гости од секаде. Дојдоа и делагати од меѓународна организација на борците. Ме преведуваа на пет јазици. Успеав пионери да расплачам, а повозрасни да ги бакнуваат плочите и да се воодушевуваат од величината на настаните и споменикот – горд е Цветан Беличански.

Во Участакот свежина постојано

Меморијалниот музеј “11 Октомври” треба да биде отворен за посетителите. Таму може да се одржува час по историја за учениците, посетителите, намерниците, истражувачите. Првата музејска постановка во зградата на поранешната бугарска полициска станица е во 1961 година. Текст напишав јас и Илија Кузманоски. Зградата треба да биде оригинална. Да се почитува историјата на еден народ, зашто таа не може да се менува. Поставката може да се дополнува, модернизира, исправува и освежува со нови сознанија – вели Цветан Беличански. Поставката е дополнета во 1971 и во 1983 година. Во четири простории сместени се фотографии, документи, карти, скици, макети на зградата, муралот на тема ,,НОБ,, од Борко Лазески, биста на Тито, списоци на 154 носители на партизанска споменица од 1941 година указите за прогласување на 15-те народни херои и други експонати.

Уште пет херои чекаат за Алејата

Десет борци се соодветно чествувани во Алејата на непобедените во Паркот на револуцијата. Од 15-те народни херои жив е само Атанас Забазноски – Рускиот. Да се најде начин да се обележат имињата на останатите херои. Иако се мртви, нивните заслуги не се избришани. Треба да се забележи вековито со букви, споменик или биста во Паркот или градот, имињата на Крсте Црвенкоски, Вера Ацева, Борка Темелкоски – Лилјакот и Ѓоре Дамески – објасни историчарот Цветан Беличански, нагласувајќи дека Могилата на непобедените е заедничка гробница на повеќе од 650 загинати. Од нив 632 се запишани на плочите.

Loading