“СЕСТРИ ВИЛИЈАМС” ВО КАРАТЕ ВАРИЈАНТА

Карате: Успех на балканијадата во Грција

Близначките од КК Ронин, Мишела и Маријана Димоски на карате Балканијадата во Лутраки, Грција, победуваа се пред себе во кати, на крај останаа сами во финалето. Пред очите на тренерите, родителите Елизабета и Златко водеа борба за злато. Стручњаците коментираа “еве ги сестрите Вилијамс во карате варијанта”. Резултатот беше тесен, 3-2 за Мишела – пренесува Златко Димоски, на првенството меѓу главните судии. Заедно со Маријана и Анастасија Матеска, Мишела освои уште едно злато, екипно. Најуспешна е меѓу 800 натпреварувачи. Тимот е синхронизиран во изведба до совршенство, но и ривалите го прават истото. Во пресудните моменти одлучува подготовката. Научени се на ред, дисциплина. Од мали се во овој спорт, се придржуваат на режим за тренинзи, храна… Не се стасува случајно до трофеј, само со труд – вели Димоски. Претстои светското првенство во Белград, а доколку каратето биде олимписки спорт, ќе се атакува на медали. Во Грција извонредна во борби беше Сара Симоноска, прва и “златна”, со три ефектни победи, на задоволство на Пеце Белистојаноски од КК Спорт 94.

Loading