ЧЕСЕН И ОФАНЗИВЕН ФУДБАЛ ГИ ПОЛНИ ТРИБИНИТЕ

Фудбал: 11 Октомври

Со поддршката ќе “дишеме” во врат на лидерот Миравци 

 

Второлигашот со прволигашки амбиции, 11 Октомври, брзо се врати на колосек, со серија од пет кола без пораз, со скок од 13 на петто место од табелата. Заслугата е на управата, тренерите и играчите, но видна е улогата на навивачите, кои над три илјади доаѓаат на меч. Благодарност до навивачите. Не бодреа во најтешкото. Милина е да се гледа човек до човек на трибината. Планираме отворање на големата, јужна. Се ближиме до врвот и многу скоро ќе дишеме во врат на челното Миравци – оптимист е Сашо Иваноски, претседателот на клубот. Целта на секој дуел е иста – трите бода. Играта легна, се стабилизира. Во нападот придонесува новиот Мојсовски, а тука се искусните Гешоски, Димитровски… Очекуваме голови на секој меч. На куп реваншот со Металург еден погодок не води меѓу осум најдобри, бидејќи одбраната е цврста како гранит – вели Иваноски. Приврзаниците имаа трпение и разбирање за тимот што се создава. Не е лесно да се вкомпонираат десетина нови, плус млади. Колективот за кусо време се трансформира од аматерски во професионален. Има конкуренција меѓу 25 првотимци, а кој е подобар тој игра кај тренерот Николче Здравески, но никој не е отфрлен. Потребни беа рокади, како на Рутевски од полушпиц на лев страничен.

Голманот Коруновски спаси зицер во Кавадарци. Секо дава максимум. Подготвеноста ќе дојде до израз понатаму – смета Иваноски. Викендов нема првенствен меч, туку пријателски на гости кај Новаци, а наредната недела е дербито дома со второпласираниот Охрид 2004. Ривал за респект, кој не случајно зеде бод во Кавадарци. Планот е триумф, кој ќе го постигнеме сигурно во сојуз со верните навивачи – завршува Сашо Иваноски.

Градоначалникот навиваше

Неколку стотини навивачи го бодреа 11 Октомври во Кавадарци. Меѓу нив градоначалникот Марјан Ристески и претседателот на Советот, Димитар Стевананџија. Прилепчани беа побројни на трибините, погласни. Домашните се правдаа дека имале премногу работа со гроздоберот и оттука малата посета. Надмоќта од трибина се прелеа на терен, каде 11 Октомври беше поубедлив, со заслужен бод на крајот (0-0).

Сркески се врати од Чачак

Голманот Христијан Сркески се врати од српскиот Борац Чачак. Проблем било доцнењето на документите. До зима тој ќе биде во 11 Октомври, покрај Пеце Коруновски и Дејан Кебакоски.

Loading