ЧУДНИ ГРЕШКИ

Чудни грешки се прават понекогаш. Невообичаени. Сличноста на некои зборови, сличноста на нивните модели ги подлажуваат луѓето и ги тераат да грешат. Да не должиме многу. Да го земеме зборот ПРОСТИТУТКА. Во некои постари времиња овој збор не беше многу познат меѓу нашите луѓе. Во тие времиња и појавата на проституцијата во нашиве краишта не беше позната. Сепак, ако се споменеше во некои случаи зборот ПРОСТИТУТКА, многумина од нашите луѓе го сфаќаа тоа како да станува збор за некоја проста жена. На тоа ги наведуваше сличноста во структурата на зборот – ПРОСТАЧКА и ПРОСТИТУТКА. Во денешново време проституцијата како појава ја има и кај нас. Преку средствата за информирање луѓето се доволно свесни за значењето на тој збор. Сепак, зачудува што и денес има луѓе (од постарата генерација) кои не прават разлика меѓу ПРОСТА и ПРОСТИТУТКА. Бевме изненадени кога го чувме ова. Разговор меѓу две постари жени. Темата е некоја нивна комшика која била многу проста, неписмена и ништо не знаела. Една од жените вели дека таа била ПРОСТА, ПРОСТИТУТКА. Не знаела дури и да се потпиши. Сметаме дека нема потреба да се објаснува разликата во значењето на овие два збора. Сакаме само да изразиме чудење што во денешно време се прават вакви грешки. Во еден напис од еден весник го сретнавме зборот ДЕБЕЛ. За истиот човек, со истото значење, авторот употребува и ДЕМБЕЛ. И тоа е грешка. ДЕБЕЛ и ДЕМБЕЛ не е исто. ДЕБЕЛ е придавка а ДЕМБЕЛ е именка. ДЕБЕЛ ни покажува дека некој човек е со поголема телесна тежина од нормалната. ДЕМБЕЛ е сосема нешто друго. Тој не мора да е дебел. ДЕМБЕЛ е човек – мрза, неработник, легач. Човек што чека на готово. Човек што живее на туѓ грб. Позната е сликата на холандскиот сликар Питер Бројгел (16 век) која се вика ЗЕМЈА ДЕМБЕЛИЈА. Прикажани се луѓе испрејадени, препиени и исполегнати крај полната трпеза. Тоа воопшто не значи дека тие треба да бидат дебели. Значи, ДЕБЕЛ човек е човек со поголем, несразмерен габарит, а ДЕМБЕЛ е мрза, неработник, паразит. Погрешната употреба на овие зборови е мошне честа. Чудно е што и на луѓето кои се зафатиле со пишување не им е јасна разликата помеѓу овие два збора. Има и два германски збора кои се влезени во нашиов јазик. Можеби не се употребуваат многу често, но сепак се среќаваат и тоа погрешно употребени. Станува збор за зборовите ГАНЦ и ГЛАНЦ. Сличноста им е многу голема, затоа и грешките се мошне чести. ГАНЦ значи нешто ново, нешто сосема ново, неупотребувано. ГЛАНЦ е со поинакво значење, многу поразлично. Тоа е нешто мазно, светливо, изгланцано. На луѓето им е помалку познат зборот ГАНЦ, па тие велат – ГЛАНЦ. Сме чуле човек да рече дека му ја чукнале колата, а била ГЛАНЦ нова. Или дека некој купил ГЛАНЦ нов костум. Погрешно е тоа. И колата и костумот биле ГАНЦ нови, а не ГЛАНЦ. Да земеме само еден прост пример. Ако појдеме кај чистач за чевли, тој ќе ги намачка чевлите со боја, ќе ги изгланца со кадифената крпа и тие ќе светнат, ќе станат ГЛАНЦ,иако не се ГАНЦ нови. Да резимираме. ДЕБЕЛ и ДЕМБЕЛ не е исто. ГАНЦ и ГЛАНЦ исто така не е исто. А за ПРОСТАЧКА и ПРОСТИТУТКА да не зборуваме. Во денешно време тоа е непростлива и голема грешка.

 

Благоја Ивчески

Loading