И.М.А.Н. Компани – фирма за челични конструкции
Во фабриката за шеќер во Битола кренавме импозантна конструкција со димензии 40 на 40 метри без внатрешни столбови
Лифт од 40 метри извишивме меѓу карпи и објект во Струга
Производствени хали од челични конструкции, ресторани, хотели, бензински пумпи, до училишта и други објекти. Тоа се дел од педесетината изведени објекти на фирмата И.М.А.Н. Компани. Претпријатието произведува и монтира челични конструкции и изведува лимарско – покривачки работи веќе осум години. Со домашните апарати од дел од поранешните работници на фирмата Металец и под водството на основачот и стручњакот за челични конструкции, Живко Андоноски од мали проекти во Битола пред осум години, за И.М.А.Н. Компани челикот набргу стана “памук”. Изведуваат и монтираат огромни производствени хали, надградуваат и реконструираат училишта, креваат настрешници на бензински пумпи и реализираат други проекти.
Фабрика за 60 дена
Велат дека ремек дело им е халата за фабриката за шеќер во Битола со димензии 40х40 метри без внатрешни столбови.
– Беше комплициран зафат, оти се бараше посебна вештина и за проектирање и за изведување. Успеавме и се гордееме. Стручните способности ги верификувавме со халата кај Лагово. Ја кренавме и опшивме со панели за 60 дена. Наши дела се и новите објект на печатницата Тирекс и Ројтем, изведувани со градежниците од Теракота – кажува постариот Андоноски, кој сега е веќе советник, а фирмата е предадена на управување на неговиот син Никола. Првиот објект бил санација на киното во Кавадарци. Потоа постепено се редеа објекти и фирмата растеше и зрееше. Политиката на нашата куќа е да не се расфрла, туку да се опремува фирмата. Така се надградувавме за полесно и поквалитетно да ги претвораме суровите челични профили во различни форми и димензии, во конструкции, кои се инсталираат на темели и се креваат фабрики, училишта… – вели Никола Андоноски.
Свиткани и вградени челични полукругови
Посебно задоволство им е што создавале и кревале заштитни платформи за истражувачките работи на Плаошник во Охрид. Меѓу поголемите објекти се извозот на конструкциите и монтажа на конструкцијата за каменолом за француска фирма во Бања Лука, во Република Српска. Меѓу интересните е хотелот во Дебарските Бањи со виткани челични полукружни двојни конструкции. Добра композиција на архитектонско решение и изведување е постигната во хотел во Претор. Потоа и на затворениот пазар во Ресен. Посебен предизвик било изведувањето на лифт од 40 метри меѓу хотелот Бисер и карпите во Калишта.
– И за бензинските станици се бара умешност и вештина во изведување, оти покривите им се потпираат на два столба, а се долги и до 16 метри. Веќе сме произвеле конструкции и покриви за десетина бензински пуми, меѓу кои и во Прилеп. Наши соработници се и невладините организации. Не затајуваат ангажманите во проектите на државните институции за училишта и слични објекти – кажува постариот Андоноски.
Во насоките за равој е специјализацијата за затворање на објекти со панел. Тоа е перспектива и иднина, која веќе се користи во Европа, поради брзината на изведувањето и квалитетот на градбата.
Фирмата располага со соодветни лиценци за лесно да конкурираат да изведуваат објекти со гаранција.